На повидок чудо – Кубица се враќа во Формула 1?!

Роберт Кубица е на прагот на сензационален камбек во Формула 1, шест години по страшната несреќа во која полскиот возач за малку ќе го загубеше животот при рели-трка во Андора. Тогаш Полјакот се здоби со скршеници на рацете и нозете и повреди на главата, неговата Ф-1 кариера делуваше завршена, но Кубица не престана да верува дека еден ден би можел повторно да биде дел од „летечкиот циркус“.

Оваа желба би можела да му се исполни веќе годинава, откако беше обелоденето дека Кубица ќе биде тест-возачот на Рено на претстојните тестови на патеката „Хунгароринг“. Полјакот веќе имаше два теста со стариот болид на Рено од 2012 година, а тимските шефови сакаат да видат колку Кубица може да се носи со новиот модерен болид на францускиот тим.

Ова е нова фаза на испитувањето на нееговите можности. Доколку Роберт ги оправда очекувањата, ќе ја разгледаме опцијата за негово враќање во спортот  – велат од таборот на Рено.

Дел од медиумите најавуваат дека Рено е во потрага по нов возач за 2017 година, но не ја исклучуваат можноста Кубица (доколку се покаже во посакуваното светло во Унгарија) да добие шанса веќе годинава, на местото на Џолјон Палмер, кој е огромно разочарување не освојувајќи ниту еден бод оваа сезона. Добро упатени извори велат дека Полјакот би можел да вози Ф1 трка веќе во Белгија, кон крајот на август, што би претставувало чудесен камбек на возачот што пред шест години остана со ограничено движење на десната рака по страшното излетување од рели-патеката во Андора.

Се вчитува...