На проблемите на Мурињо во Тотенхем им нема крај

Жозе Мурињо не може да крене глава од проблеми со повредите на стандардните првотимци на Тотенхем откако на долгата листа на повредени играчи се приклучи и Муса Сисоко. Францускиот репрезентативец ги одигра сите 90 минути на куп-дуелот со Саутемптон, но по завршувањето на натпреварот беше утврдено дека тој има сериозен проблем со медијалните лигаменти во коленото.

Од Тотенхем информираа дека врз Сисоко денеска бил извршен хируршки зафат, а неговото враќање на терените не се очекува пред почетокот на месец април. Веста за повредата на Французинот доаѓа само неколку дена откако Хари Кејн беше „отпишан“ најмалку до месец март, а подолго време повреден е и првиот голман Љорис. Згора на тоа, Мурињо уште извесно време не може да смета ниту на двата леви бекови во тимот, Дени Роуз и Бен Дејвис.

Тотенхем во следното коло од Премиер-лигата го очекува тежок дуел на домашен терен против лидерот Ливерпул, дерби-пресметка во која Мурињо ќе мора со „крпен тим“ да му се спротивстави на тимот што е без пораз во досегашниот дел од сезонава.

Се вчитува...