На скара кај Меси: „Тим-билдинг“ на Барселона пред дербито со Атлетико Мадрид

Роналд Куман им даде слободен ден на фудбалерите на Барселона по вчерашниот напорен натпревар против Валенсија, а капитенот Лионел Меси уште еднаш се покажа како голем лидер – организирајќи „тим-билдинг“ во својот дом за сите членови на првиот тим на каталонскиот гигант.

Каталонскиот весник „Спорт“ информира дека сите играчи со задоволство ја прифатиле поканата на Аргентинецот, минувајќи неколку часа за ручек во неговиот дом во ексклузивниот кварт надвор од градското подрачје на Барселона.

Идејата е јасна – да се крене што повеќе атмосферата во тимот пред клучниот меч за сезонава, дербито со Атлетико Мадрид закажано за следниот викенд на кое Барса има можност да го прескокне на табелата директниот ривал во трката за титулата.

Самата иницијатива на Меси е јасен знак дека Аргентинецот се чувствува се подобро во клубот откако Лапорта се врати на претседателската функција, па се очекува најдобриот фудбалер на денешницата во текот на летово да потпише и нов договор со Барселона.

Се вчитува...