Начевски до судиите: Внимавајте, со една одлука ги менувате животите на ракометарите

Се е подготвено за утрешниот старт на европскиот шампионат, а првиот човек на судиската организација при ЕХФ, Македонецот Драган Начевски, во изминатите денови им даваше инструкции на арбитрите.

„Внимавајте, бидејќи со една одлука може да се случи да го смените животот на некој ракометар“ – предупредува Начевски.

Во текот на последните семинари беа прегледани стотина ситуации, при што беа водени дискусии дали е пробивање или не, дали стартот е за пенал, две минути, црвен картон… Сепак, Македонецот е убеден дека судиите добро ќе си ја завршат на овој континентален собир.

„Ова судии се најдобрите во светот, а наша работа е тие уште повеќе да напредуваат. Можев да им покажам и клипови од 1.000 ситуации, но избрав 50-60 кои ги сметав за најсоодветни. Добро е што сите не се согласуваа, бидејќи дискусиите се многу важни. Затоа и настојувам сите да зборуваат, да кажат како ја гледаат ситуацијата, за на крајот да извлечеме правилен заклучок“ – истакнва Начевски, кој осум години е предводник на судиите при ЕХФ, откако самиот 17 години ја делеше ракометната правда по терените ширум Македонија и Европа.

 

Се вчитува...