Тениските фанови во Шпанија ќе имаат можност да уживаат на претстојниот турнир во Барселона, откако своето учество во каталонската престолнина го потврдија Рафаел Надал и Карлос Алкараз.
Двајцата најдобри шпански тенисери поради повреди не можеа да настапат во Монте Карло, но во меѓувреме успеаја да ги надминат проблемите, па нивните имиња и официјално ќе се најдат при ждрепката на двојките за турнирот во Барселона.
Надал за првпат настапи во Барселона во 2003 кога имаше само 16 години, тој во кариерата има дури 12 трофеи на овој турнир, но останува да се види во каква форма се наоѓа шпанската тениска легенда по долгата пауза од терените.
Алкараз се пожали на болка во мускулите и не сакаше да ризикува со настап во Монте Карло, но треторангираниот светски тенисер во моментов е „фит“ за настап во Барселона. Тој триумфираше на овој турнир во 2022 и во 2023, а годинава ќе се обиде да стигне до третиот трофеј во низа во каталонската престолнина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА