Надал опериран додека се игра неговиот омилен гранслем турнир

Рафаел Надал требаше да биде главен фаворит и на ова издание на Ролан Гарос, но шпанскиот ас е принуден да го пропушти омилениот гранслем турнир поради серијата повреди што веќе пет месеци го оддалечија од тениските терени.

Користејќи ја оваа пауза, Надал се реши и за ситен хируршки зафат, со цел да се отстрани болката во левиот колк што ја чувствуваше во последните два месеци. Операцијата во клиника во Барселона ја изврши американскиот хирург Марк Филипон, кој важи за експерт за зафати на колкови, а за утре се најавени подетални информации околу исходот и периодот во кој Надал ќе мора целосно да мирува.

Шпанскиот тениски великан утре полни 37 години. Тој веќе најави дека е голема шансата да не се појави на ниту еден турнир до крајот на годинава, но би сакал потоа во 2024 да настапи на што повеќе натпреварувања, по што и официјално ќе стави крај на својата фантастична кариера.

Се вчитува...