Надал за историја – 10 титули во Монте Карло

Рафаел Надал испиша нови страници во „новата ера“ на светскиот тенис откако стигна до трофејот во Монте Карло, вкупно десетти за шпанскиот ас од неговиот омилен турнир од единаесетте учества во „малото кнежевство“. Со тоа, Надал стана првиот тенисер кој успеал да освои десет пехари од еден ист турнир во сингл конкуренција. Воедно, Надал ја потврди доминацијата на земјена подлога, стигнувајќи до својот 50. трофеј на овие турнири, уривајќи го рекордот што досега му припаѓаше на Аргентинецот Гилјермо Вилјас.

Шпанецот денеска за противник го имаше својот сонародник Рамос – Винолас, кој за разлика од пред неколку дена кога го елиминираше Енди Мареј, овојпат немаше сили за сензација. Надал доминираше од самиот почеток на финалето и експресно го доби првиот сет со 6-1. Вториот сет почна израмнето, но при 2-2 Рамос – Винолас го загуби својот сервис, по што фаворитот рутински го приврши мечот со конечни 6-1, 6-3.

Интересно, по девет трофеи од еден ист турнир има исто така Рафаел Надал, на Ролан Гарос и во Барселона, пред Федерер со осум пехари од Хале и Вилјас со осум пехари во Буенос Аирес.

Со најновиот успех Шпанецот исто така ќе оствари и скок на АТП-листата, па од следната седмица ќе биде петторангиран светски тенисер, зад Мареј, Ѓоковиќ, Федерер и Вавинка.

Се вчитува...