Нафиу: Голот против Тотенхем ќе го паметам дур сум жив, ми честиташе и Сон

Валмир Нафиу сезонава се наметнува меѓу главните адути на Шкендија во борбата за највисок пласман, младиот фудбалер блесна постигнувајќи еврогол на дуелот со Тотенхем, по што со уште поголема самодоверба ќе влезе во наредните натпревари.

„Само да излезеш на терен против моќен тим како Тотенхем, тоа е остварување на сонот, чувство што не се опишува со зборови. Кога го дадов голот, тоа е чувство што ќе го паметам дур сум жив, огромна радост. Тоа беше гол за 1-1, за момент почнавме да веруваме во сензација, но иако тоа не се случи голот сепак ми останува како најблескав момент во досегашниот дел од кариерата“, вели Нафиу.

Меѓу првите кои му честитале за погодокот веднаш по мечот бил противничкиот фудбалер Сон.

Со Сон се познавам од претходно, заедно настапувавме три години во младинските екипи на Хамбургер. Секако дека се поздравивме и поразговаравме по мечот, тој веднаш ми честиташе велејќи дека сум постигнал еврогол“, открива асот на Шкендија.

По елиминацијата од Лигата на Европа, тетовци сега ги насочуваат погледите кон домашната сцена, каде Шкендија е главен фаворит за освојување на титулата.

„Не беше лесно да се игра последниот меч со Пелистер, имавме натпревари на секои три дена, згора на тоа последниот дуел ни беше токму против Тотенхем. Сепак, иако лошо стартувавме успеавме да собереме сили за пресврт и да стигнеме до победата. Знаеме дека нема да ни биде лесно ниту на саботниот натпревар против Силекс, но ќе сториме се за да стигнеме до трите бода. Шкендија атакува на титулата, затоа сакаме да влеземе во што подолга победничка серија“, оптимистички е расположен Нафиу во пресрет на продолжението од домашната сезона.

Се вчитува...