Нагелсман е пред отказ, Тухел е најблиску до клупата на Баерн Минхен

Баерн Минхен се наоѓа во сериозна резултатска криза, откако баварскиот гигант во последните четири кола во Бундес-лигата забележа три реми и еден пораз. Тимот што во претходните години доминираше на домашната сцена се соочува со очигледни проблеми, па јасно е зошто е се поголем притисокот врз тренерот Јулијан Нагелсман.

Проблем плус за младиот стручњак е што слободен од неодамна е Томас Тухел, стратегот кого управата на Баерн го гледа како идеален за предводник на баварскиот гигант. Тухел имаше сигурна работа кога Баерн го избра Нагелсман за наследник на Флик, но овојпат ситуацијата е поинаква, Тухел е подготвен за преселба на „Алијанц Арена“ и јасно е дека следниот „кикс“ на Баерн ќе значи и „црвен картон“ за Нагелсман и доаѓање на трофејниот стратег во Минхен.

„Нормално дека не сме задоволни со три бода на последните четири средби“, рече видно нервозниот директор Хасан Салихамиџиќ по поразот од Аугсбург.

Ситуацијата станува алармантна, баварците заостануваат пет бода зад лидерот Унион Берлин и „минус три“ во однос на најголемиот ривал Борусија Дортмунд.

„Не сум задоволен. Сега следи период на детална анализа, мора да увидам што е проблемот. Ќе се анализирам себе си, играчите, целокупниот колектив, но мора да има подобрување“, изјави Нагелсман.

За потсетување, Баерн го смени Карло Анчелоти уште на 28 септември иако имаше скор од четири победи, едно реми и еден пораз во Бундес-лигата, само затоа што заостануваше три бода зад Борусија, исто колку што има и Нагелсман во моментов.

Затоа, на сите им е јасно дека Јулијан Нагелсман ги троши последните кредити, а во прилот не му оди ниту незадоволството на дел од фудбалерите на кои не сметаше премногу на стартот од сезонава. Да се биде „шеф“ во тим преполн со „ѕвезди“ не е исто како работа во Хофенхајм или Лајпциг, а доколку Нагелсман не ја научи експресно лекцијата, тоа ќе значи и збогување со најсериозниот клуб во кој има работено досега во кариерата.

А ако тоа се случи, нема сомнеж дека Тухел ќе биде подготвен за експресно да дојде во Минхен и со Баерн да ги нападне сите трофеи во германскиот фудбал, но и да атакува на пехарот во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...