Нагелсман стана тренер поради Тухел, сега ќе води битка со „учителот“

Џулијан Нагелсман е „чудотворецот“ најзаслужен за извонредната сезона на Лајпциг во која германскиот клуб обезбеди учество во полуфиналето од Лигата на Шампионите. Таму Нагелсман го очекува тактичко надмудрување со Томас Тухел, кој не само што е сонародник на младиот Германец, туку и стратегот што го упатил Нагелсман да се насочи на тренерскиот занает.

На самиот почеток на играчата кариера Нагелсман немаше среќа со повредите. Тој долго се мачеше со повреда на грбот, а кога на тоа се надоврза и кинење на лигаментите на коленото беше јасно дека тој не може да игра фудбал. Во тој период тинејџерот Нагелсман беше дел од вториот тим на Аугсбург, а тренер му беше токму Томас Тухел. Статистиката вели дека Нагелсман не одиграл ниту еден единствен меч за Тухел, но тој сепак ја препознал фудбалската генијалност што Џулијан ја поседувал уште од тинејџерските денови.

„Беше јасно дека Нагелсман не може да игра фудбал, но Тухел не се откажа од него. Го повика и му даде задача да работи како скаут за анализа на противничките екипи, што беше прв тренерски ангажман на Џулијан“, потсетуваат германските медиуми.

Останатото е историја, тој на 25-годишна возраст беше вклучен во стручниот штаб на прволигашот Хофенхајм, истовремено работеше и со У19 екипата на овој клуб, а од соработниците го доби прекарот „Мини Мурињо“.

На 27 октомври 2015 година Нагелсман беше именуван за шеф на стручниот штаб на првата екипа на Хофенхајм, иако тогаш имаше само 28 години, со што стана најмлад тренер во историјата на Бундес-лигата. Добрите резултати, но пред се атрактивниот стил на игра придонесе Нагелсман да се најде на листата со желби дури и на Реал Мадрид, но самиот стратег ја отфрлил можноста за преселба во Шпанија, со образложение „дека му е рано за таков мегатрансфер“.

Наместо тоа, се реши да замине во Лајпциг, што се покажа како вистински потег, бидејќи му донесе на клубот историски успех – пласман во полуфиналето од Лигата на Шампионите. Таму го очекува пресметка со стариот познаник Тухел, а интересно ќе биде да се види дали „ученикот“ ќе успее да го надмудри „учителот“ во нивниот меѓусебен дуел во Лисабон.

Се вчитува...