Најголемиот пораз на Инфантино: Ги обвини медиумите за бунтот на фудбалскиот свет, сакаше да добие 4,2 милијарди долари а сега е пред заминување од ФИФА!?

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино се откажа од планот за продажба на дел од Светското првенство на приватни лица по жестокиот отпор од УЕФА и критиките дека „душата“ на фудбалот е ставена на продажба.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, синоќа објави дека светското фудбалско тело се откажало од планот за продажба на удел во Светското првенство на приватни инвеститори, откако предлогот предизвика силен бран критики. ФИФА планираше да собере до 4,2 милијарди долари со продажба на околу 20% од уделот во нова компанија која ќе управува со нејзините натпреварувања, вклучувајќи го и Светското првенство.

Според предлогот, приватните инвеститори би поседувале 20% од сопственоста, а меѓу главните инвеститори беше инвестициски фонд основан од Џошуа Кушнер, помладиот брат на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Предлогот, првпат презентиран во вторник, веднаш наиде на жесток отпор. Европската фудбалска федерација УЕФА се закани дека ќе го бојкотира натпреварувањето и ја обвини ФИФА дека ја става „душата“ на фудбалот на продажба.

ФИФА тврдеше дека продажбата на малцински удел во нејзините комерцијални операции ќе обезбеди милијарди долари за развој на фудбалот низ целиот свет и ги обвини медиумите дека погрешно го претставуваат предлогот. Инфантино испрати писмо до членовите на ФИФА во кое наведе дека секој од нив ќе добие по 40 милиони долари доколку го поддржат предлогот до 19 септември.

„Мојата намера во наредните денови и недели е повторно да ги соберам сите заинтересирани страни во духот на заедничкиот интерес во нашиот спорт, за да можеме да продолжиме да го развиваме фудбалот низ целиот свет, особено во земјите на кои им е најпотребна нашата поддршка“, вели Инфантино.

Но, сега е сосема јасно дека и тоа како се раздрмани позициите на Инфантино пред следните претседателски избори на ФИФА.

Сегашниот претседател, кој беше реизбран без противкандидат во 2019 и 2023 година, има право да се кандидира за уште еден четиригодишен мандат според статутот.

Рокот за поднесување кандидатури завршува на 18 ноември, додека изборите ќе се одржат во март 2027 година во Рабат, Мароко.

Се вчитува...