Очаен напаѓачки тандем: Роналдо и Бензема се подобри само од Беневенто

Кристијано Роналдо и Карим Бензема се во најлошата форма откако го носат белиот дрес на Реал. По 12 кола во шпанското првенство, двајцата комбинираат два погодоци, кои ги постигнаа во победата против Хетафе од 2-1 во 8. коло. Португалецот и Французинот моментално го претставуваат вториот најлош напад во Европа, и само напаѓачите на Беневенто, Иемело и Кода (делат еден гол) имаат послаб ефект од „кралските“ мегаѕвезди. Само за споредба, напаѓачите на Реал Мадрид се на нивото на оние на Келн (Осако и Гуираси), Хамбургер (Хан и Вуд) и Бурнемаут (Дефо и Кинг), кои исто така досега имаат постигнато вкупно два погодоци во досегашниот дел од сезоната.

Во однос на минатата сезона, бројките на Роналдо и Бензема драстично се сменети. До 12. коло лани, двајцата вкупно постигнаа 12 гола, осум беа на Португалецот, четири на Французинот. Никогаш претходно немале ваков слаб ефект во овој дел од сезоната, секогаш постигнувале минимум 10 гола, додека во сезоната 2014/2015 во овој период делеа 27 погодоци.

Што се однесува за голгетерите кои го напуштија „Сантијаго Бернабеу“ летово, Маријано Диаз и Алваро Мората засега се во одлична форма. Маријано за Лион има постигнато девет гола во Лига 1, додека Мората осум пати се запиша во листата на стрелци во Премиер – лигата.

Зидан има причини за грижа. Неговиот состав досега бележи 22 погодоци во првенството, 10 помалку од лани. Тоа значи дека Реал Мадрид нема фудбалер од кого може да очекува редовно тресење на мрежите со кои би осигурале победи, што е голем проблем знаејќи дека заостануваат десет бода од лидерот Барселона по 12 одиграни натпревари во шпанската Примера.

 

Се вчитува...