Шалке 04 го доведе јужнокорејскиот напаѓач Хванг Хи-чан на десетмесечна позајмица од Вулверхемптон на последниот ден од преодниот рок, но реализацијата на трансферот беше неизвесна до последен момент.
Колку беше драматична ситуацијата најдобро покажува фактот дека комплетната документација беше регистрирана само 35 секунди пред крајот на преодниот рок во Германија.
Спортскиот директор на Шалке, Франк Бауман, ги откри деталите за неверојатната драма.
„Кога добивме потврда дека сè е внесено во системот на ДФБ, останаа уште 35 секунди до крајот на преодниот рок“, рече Бауман.
Шалке и Вулверхемптон се согласија во принцип за трансферот околу 17 часот, но договорот потоа заглави поради администрацијата и дигиталните потписи.
„Десет минути пред затворањето на преодниот рок, за првпат помислив дека трансферот нема да се реализира. Она што порано беше факс, денес е дигитален свет со работи како дигитален потпис“, објасни Бауман.
Сепак, необичностите не завршија тука.
Шалке одлучи да изврши медицински преглед на јужнокорејскиот напаѓач само еден ден откако трансферот беше официјално регистриран.
Клубот процени дека таков ризик е прифатлив бидејќи станува збор за десетмесечна позајмица. Според информациите од Скај Спорт, Шалке има опција да го купи Хванг за три милиони евра на крајот од позајмицата.
„Секако, тоа е одреден ризик, но со десетмесечна позајмица, тоа е подносливо“, рече Бауман.
Хванг пристигна во Европа уште во 2015 година, кога потпиша за Салцбург. Подоцна играше за Хамбург, РБ Лајпциг и Вулверхемптон, а има повеќе од 80 настапи за јужнокорејската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
