Најлудите клаузули во договорот на Меси со Барселона

Спортската јавност бурно го проследи обелоденувањето на деталите од договорот меѓу Лионел Меси и Барселона, според кој аргентинскиот генијалец во периодот од 2017 до 30 јуни 2021 година од Барселона ќе заработи неверојатни 555.237.619 евра. Дека бројките се точни потврдија и двете страни, откако во своите реакции не ја демантираа висината на наведената сума, туку само се закануваа со тужби против весникот „Ел Мундо“.

Во меѓувреме, во јавноста се појавуваат нови детали, поврзани со клаузулите во овој „фараонски договор“ што Меси го има потпишано со сега веќе екс-претседателот Бартомеу.

Една од наведените клаузули е онаа за лојалност, која изнесува 66,2 милиони евра. Станува збор за сума што Бартомеу се согласил да му ја исплати на Меси кога Аргентинецот ќе си замине од клубот, во знак на благодарност за она што тој го има сторено за Барса во текот на кариерата.

Меси имал клаузули од по десетици милиони евра за секој освоен трофеј во ЛШ, Ла Лига и во Копа дел реј, па јасно е зошто на аргентинскиот ас му пречеше „постот“ во изминатата сезона. Воедно, тој добивал значајни суми доколку одигра 60% од натпреварите во сезоната. Притоа, на Меси за одигран меч му се броело доколку мине на теренот 45 минути, за разлика од голем број од останатите играчи кај кои оваа граница изнеусува минимум 60 минути.

Најлуда клаузула сепак е онаа што на Аргентинецот му дозволува да си замине без отштета од „Камп Ноу“ доколку Каталонија се отцепи од Шпанија. Тоа би значело дека Барса нема да се натпреварува во Ла Лига, а Меси ќе може како слободен играч да го напушти клубот.

Се вчитува...