Најверните вардарови навивачи реагираат: Сергеј доста ти беше, им се посра на сите вардарци в лице!

По напуштањето на РК Вардар, Русинот Сергеј Самсоненко сосема очекувано денеска официјално се откажа и од ФК Вардар. Потег кој веќе се очекуваше подолго време, со оглед на фактичката очајна ситуација во која се наоѓаа црвено-црните веќе подолго време.

Сето тоа наиде на бурни реакции меѓу најверните вардарови навивачи. Од подгрупата „Екипа – Пиво“ на најверните црвено-црни фанови, преку соопштение револтирано потенцираат дека по долготрајните игри на Самсоненко – „си одам – не си одам“, време е конечно вистински да го напушти клубот.

„Последниве неколку години овој период – при крај на сезоната, слушаме иста песна. „Си одам, го предавам клубот, не можам да издржам финансиски“, а каде што го предава, тие поим немаат за тоа. Па на крај, пу-пу, не важи. „Ќе останам и оваа сезона“, џабе кога отиде возот. Пријателе, очигледно дека доста ти беше. Фала ти за се што направи, но што побрзо си отидеш од клубот, тоа подобро, како за тебе, така и за нас како навивачи. Нема да се мачиш ни ти, а и ние ќе знаеме на што ќе бидеме. Подобро во понизок ранг, отколку бесцелно играње во Прва лига. Која е поентата за играње само за титулата, а не и за излез во Европа? Па овој тим воопшто не го заслужи ова! Не го заслужија и оние 200 души кои беа со клубот секаде и во секое време и им даваа поддршка на младите дечки кои изгинаа за дресот оваа сезона. Да ни извините на францускиов, ама им се пос*авте во лице, без срам и перде. Доста беа и оние лажни ветувања дека ќе биде подобро од утре, кажани од „повлијателните“ играчи во клубот. Веќе се сите прочитани…“ – велат вардаровите навивачи и дополнуваат:

„Премногу матни игри од самото влегување на „газда“ до ден денешен, преку пијавиците кои се (му ги) закачија во клубот и не мрднаа со прст за доброто на клубот. Важно да капнува секој месец. Епа сега изгледа пресуши изворот. „Тоа е фудбалот, никој не рече дека ќе биде лесно. Како и ланската година, така и оваа, се разбира дека бараме одговорност, но знаеме дека нема да ја добиеме, како што не ја добивме и лани. Ама, па, кои сме ние да бараме одговорност. Од некогашна армија навивачи на црвено-црните, останавме само 200 души на стадион, ама затоа на социјалниве мрежи можеме да забележиме илјадници „Вардарци“, кои со статуси како нас, лаат и негодуваат за ситуацијава. Бетер се од оние кои не си ги гледаат своите мали клупчиња и се ситат за пропаста на нашиот. Ние барем знаеме каде е Градски стадион, за разлика од тастатура „Вардарците“. Секое чудо за три дена, така и ова…“ – се вели во соопштението од „Екипа – Пиво“.

Со кратка реакција се огласија и „Комитите“ кои порачаа…

„Во овие моменти на неизвесност, кога ФК Вардар повторно се користи како алатка и оружје за разни препукувања, капитенот – капитенски! Вардар не е сираче, туку сироти се тие кои со Вардар си играат! Нека бидат свесни дека ќе се соочат со црвено – црната армија и ќе ги запознаат нашите не толку дипломатски особини!“

Се вчитува...