Нант и ПСЖ одиграа нерешено во „француското“ осминафинале во ЛШ

Во првиот меч од „француското“ осминафинале во Лигата на шампионите, Нант и ПСЖ одиграа нерешено 26-26 (15-14). Нант му пружи силен отпор на ПСЖ кој ја носи улогата на фаворит во овој дуел и во интересен и крајно неизвесен натпревар остана непоразен. Изедначувачкиот погодок за Нант го постигна Доминик Клајн на пет секунди пред крај и го остави својот тим во игра пред реваншот во Париз.

Нант сигурно и прецизно го почна мечот и уште на стартот поведе со 4-1. До првото изедначување ПСЖ дојде дури во 24.минута преку Микел Хансен кој погоди за 11-11. Но, Нант ја задржа агресивноста во нападот и на одмор замина со предност од 15-14.

Парискиот тим кој на овој меч играше без Никола Карабатиќ, го засили темпото во второто полувреме, а Хансен му го донесе првото водство на ПСЖ во 34.минута (15-16). Иако во втриот дел ПСЖ ја презеде иницијативата, сепак, Нант одолеа на притисокот и го задржа ритамот до крај. Во последните десет минути, гостите влегоа со два гола предност (22-24), но неизвесноста остана до последната минута. На три минути пред крај при водство на ПСЖ со 24-26, Гурбиндо не искористи седмерец. И кога се чинеше дека ПСЖ веќе ја има победата, исклучување доби Лука Карабатиќ, а Нант ја искористи предноста со играч повеќе и намали  на 25-26. Арно Сифер го одбрани ударот на Хансен, на спротивната страна, исклучување доби и Уве Генсхајмер, а  Доминик Клајн на пет секунди пред крај му донесе изедначување на Нант, поставувајќи ги конечните 26-26.

Утре се играат преостанатите три дуели од осминафиналето во ЛШ: Монпелје – Кјелце, Силкеборг – Пик Сегед и Мешков Брест – Фленсбург.

Се вчитува...