Наталија Тодоровска ново тренерско име во Металург

Поранешната македонска репрезентативка, Наталија Тодоровска, се приклучува во тренерскиот тим на Металург. Тодоровска ќе ја води генерација на девојчиња родени 2004/2005, објавено е на официјалниот клупски сајт.

„Отсекогаш негувам посебни симпатии за Металург, клуб со голема традиција, кој е познат по работата со помладите генерации. Затоа со задоволство ја прифатив понудаат да се вклучам во одговорната работа со младите ракометарки. Мојата работа ќе биде олеснета бидејќи се познавам со сите тренери на Металург. Очекувам плодна соработка, која се надевам, ќе резултира со нови млади ракометарки кои во иднина ќе ги пополнат пионерските, кадетските и младинските екипи на ЖРК Металург, а се надевам дека многу од нив ќе бидат и дел од сениорската екипа на Металург и идни репрезентативки на нашата земја“ – изјави Тодоровска.

Од Металург се задоволни со ангажманот на Тодоровска и истакнуваат дека тоа е уште во насока на клупскаат политика.

„Наталија Тодоровска е познато ракометно име, поранешна истакната ракометарка и репрезентативка на Македонија која има многу знаење што може да го пренесе на младите ракометарки и која ќе има одговорна задача да ги насочи нивните кариери во вистинска насока уште на почетокот. Ангажманот на Тодоровска е во насока на нашата клупска политика да го имаме најдоброто во нашата Академија, да ги имаме најдобрите македонски тренери и најдобрите македонски ракометари и ракометарки“ – истакнува директорот на Академијата Металург, Тони Ристески.

Се вчитува...