Вардар долго го чекаше своето враќање во елитното европско клупско натпреварување. И на крај, не успеа да помине ниту една квалификациска рунда. И покрај огромните очекувања. И, и покрај тоа што пред себе имашe како ретко кога убава можност против, објективно, на терен смешен тим како фински Купс.
Кога се ќе се сумира од двомечот во Лигата на шампионите, без разлика на резултатскиот пресврт во Финска и фактот дека беше одигран подобар натпревар од Скопје, останува и фактот дека за 210 минути овој „црвено-црн“ лик предводен од фалениот аргентински стратег Кристијан Фабијани продуцираше само бледа фудбалска слика во обидот да парира и на еден потпросечен европски тим. А, елиминацијата од Купс, без сомнение, може да се оквалификува единствено како неуспех!
Самозалажувачки е резултатскиот впечаток од Финска, ако во суштина се погледне како тактички и технички изгледаше Вардар, под водство на Фабијани, на овие два натпревари. Посебно и со начинот на водењето на тимот во Куопио, во моменти кога веќе беше очигледно дека Вардар и тоа како има можност да го елиминира финскиот клуб, кој еднакво демонстрираше очајна претстава пред своите навивачи. Но, за жал, македонскиот шампион не успеа да го искористи сето тоа, само поради сопствената генерална неподготвеност за такво нешто, наспроти инцидентните блесоци кои, всушност, не се и не може да претставуваат квалитет на колектив.
Она што е очигледно од овие два европски натпревари е фактот дека ако овој Вардар не умее да го заштити и промовира сопствениот капитал во името на младински репрезентативци како Димитар Данев, Тодоровски, Цветковски…, но и останатите македонски фудбалери, како Маневски, Бабунски, Спахиу…, кои неразбирливо остануваат на клупата на сметка на подпросечниот „странски капитал“ со кого, пак, не може да се мине ниту едно квалификациско коло во Европа, тогаш од старт е промашена и целта да се биде најдобар во Македонија!
Двомечот со Купс треба да донесе сериозни поуки внатре во клубот, како очигледните аномалии на вака воден Вардар, за жал, уште позасилено не се почувствуваат веќе на следната европска пресметка со летонска Рига. Па, на уште поболен начин да не се осознае дека овој аргентински Вардар не е созреан за минување едно квалификациско коло ниту во Конференциската лига, третото по ранг натпреварување на европската сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
