Денешниот собир со новинарите и дадените изјви почнуваат да му се удираат од глава на актуелното раководство на КФСМ на чело со Перо Антиќ. Најпрвин екс-селекторот Давитков жестоко го критикуваше Антиќ, а сега на тоа се надоврза и поранешниот претседател Петар Наумоски, кој најави тужба против новите челници на федерацијата поради обвинувањата на негова адреса, дека „федерацијата во минатото плаќала и магацински простор, на поранешниот простор кој го користел Наумоски за приватни цели, во износ од околу 500-600 евра месечно“.
„Пред се би сакал да ги информирам дека ќе добијат допис од моите адвокати, јавно да се извинат за изнесените превртени зборови и работи. Ако тоа не го сторат, ќе си добијат соодветна тужба, па во суд нека го докажуваат она што го зборуваат. Јас само би ги прашал: Дали федерацијата имала, има и ќе има потреба од магацински простор? Дали користела магацински простор“ – прашува Наумоски.
Потоа, екс-претседателот самиот одговара на обвинувањата.
„Јас имам магацински простории во изобилие, што во моја сопственост, исто така и во сопственост на мои блиски луѓе, така што нема потреба некој во минатото, ниту пак во иднина да ми плаќа таков простор. Во првата година од моето работење во федерацијата, јас дел од тој простор отстапив гратис на МКФ, поради лошата финансиска состојба на самата федерација. Сето тоа затоа што јас и мојот тим истата ја гледавме како наша блиска, сакавме да ја тргнеме повеќегодишната блокада и да ги расчистиме долговите. Промената на состојбата за мојата помош околу гратис магацинскиот простор траеше се додека група на луѓе не тргна да ме менува поради правилото за шест странци. Тогаш во разговор со техничкиот секретар Соња таа лично ми рече: Пеце, гледаш дека колку и да правиш добро за кошарката, други секогаш ќе те плукаат и ќе бараат твоја смена. Револтиран и отрезнет, зборувавме дека јас целосно ќе работам во интерес на кошарката, но повеќе не гратис и на подарок. Нас секако ни требаше магацин, работите беа на три локации, од кои на две од нив целосната магацинска опрема на федерацијата, па со Соња се договоривме месечниот износ да не биде поголем од 30.000 денари, а вкупната површина беше преку 550 метри квадратни (што значи ниту едно евро по метаар квадратен). Вистината е дека во едниот од магацините имаше и мои лични работи, што влијаеше цената да биде толку ниска. МКФ плаќала за нешто што имала потреба и би требало да закупи простор на друго место. Важно е дека не станува збор за измислен трошок“ – вели Наумоски.
Екс-претседателот смета дека извештајот на ревизорската куќа што денеска го презентираше актуелното раководство само го потврдува неговото легално работење за време на мандатот.
„Ова се опишува со еден умерен збор – неспособност. Разочарани се бидејќи по долго најавуваната ревизија и очекувања за којзнае какви малверзации, паднале во очај бидејќи нема никакво незаконско работење, а уште помалку оштетување на буџетот на федерацијата, буџет што сам со мала помош на УО го наоѓав како што знам и умеам. Во изминатите четири месеци се донесени глупави, несмавни, неискусни и антикошаркарски одлуки, што навистина ретко која раководна структура можела да ја направи“ – порачува Петар Наумоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА