Скопје го освои првиот бод по враќањето во македонската фудбалска елита, откако на комплексот на ФФМ одигра 1-1 против Струга Трим Лум.
Стружани влегоа во натпреварот како фаворити и во најголем дел од средбата имаа иницијатива, како и повеќе изгледни можности за гол. Сепак, домаќинот со борбена и пожртвувана игра успеа да стигне до вредно реми.
Струга прва се закани во осмата минута, кога Меметриза Хамза шутираше од слободен удар, но топката заврши над голот. Во продолжение следуваа обиди и преку Бојку и Малески, но голманот на Скопје, Кристијан Наумовски, беше сигурен.
Најдобрата шанса во првото полувреме ја имаше Арби Воша во 30. минута. По нафрлувањето од десната страна, Воша шутираше од околу 12 метри, но Наумовски со одлична интервенција го спаси својот тим.
Струга Трим Лум конечно стигна до предност во 55. минута. Гостите организираа брз противнапад, Христијан Малески излезе сам пред Наумовски и рутински ја затресе мрежата за 0-1.
Во 63. минута, Буњамин Шабани постигна гол за Струга, но по подолгата проверка со ВАР беше утврдено дека во акцијата имало офсајд, па погодокот беше поништен.
Казната за пропуштените шанси стигна во 71. минута. Скопје успеа да израмни преку нововлезениот Омар Беровиќ, кој по нафрлување од десната страна одлично реагираше со глава и го совлада голманот на Струга за 1-1.
До крајот гостите имаа можност да стигнат до победата. Христијан Малески се најде во одлична позиција, но не успеа прецизно да шутира, па Скопје го задржа бодот.
За Скопје ова е прв освоен бод по враќањето во Првата македонска фудбалска лига, додека Струга Трим Лум пропушти шанса да стигне до цел плен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
