Огромен револт владее меѓу фудбалските вљубеници во Гевгелија по вчерашните случувања на натпреварот меѓу Кожуф и Башкими, во кој гостите триумфираа со 1-2 благодарение на подарениот гол од домашните во последните секунди од средбата.
А, за случувањата во последните минути од мечот во Гевгелија е забележано и во официјалниот записник од натпреварот од страна на судиската тројка на чело со Игор Стојчевски, на кого му помагаа Гоце Петрески и Кристијан Џонов.
„Увидовме на натпреварот дека нешто сомнително се случува, домашните играчи скоро сите почнаа да бараат принудна замена и сакаа да го напуштат теренот за игра. При скоро секоја акција на гостинската екипа, домашните играчи стоеја на теренот и не играа како што играа во првото полувреме. За волја на вистината, домашниот голман беше на висина на задачата се до последната акција каде што застана заедно со целата домашна одбрана која не беше заинтересирана да го блокира гостинскиот напад и гостинската екипа постигна погодок. Вториот погодок беше постигнат во 93 минута и 12 секунда. Второто полувреме беше продолжено за 5 минути бидејќи имаше направено 8 измени и плус имаше интервенција од брза помош која влезе на теренот поради повреден гостински играч и само тој прекин траеше 4 минути и 27 секунди“ – се вели во извештајот на судиската тројка на чело со главниот судија Игор Стојчевски и помошниците Гоце Петревски и Кристијан Џонов, во официјалниот записник од мечот, во кој се дополнува:
„На крајот од натпреварот домашната публика сакаше да влезе во теренот за игра и физички да се пресмета со играчите, но до тоа не дојде бидејќи пристигнаа два полицајци до играчите. Ние како меѓународни судии се срамиме што присуствувавме на ваков срамен натпревар. Ако треба стоиме на располагање за дополнителен извештај“.
Навивачите на Кожуф, популарните „Фантоми“, пак, денеска се огласија со соопштение во кое повикуваат на одговорност за раководството на клубот, а за денеска од 16:30 часот повикаа на собир на Градскиот стадион во Гевгелија на кој го повикаа и градоначалникот на Гевгелија како би се расправало за настанатата ситуација.
„Клуб кој постои еден век да јаде ваков срам нема да дозволиме!! Како навивачка група бараме итен состанок и ОДГОВОРНОСТ!! Никој нема да биде поштеден!! Клуб за кој сме се бореле во општински лиги, сме јаделе куп казни, притисоци , закани и сл !! Секогаш сме биле победници ќе бидеме и сега! Ќе се избориме до крај! КОЖУФ ОВА НЕ ГО ЗАСЛУЖИ!! ВРЕМЕ Е КЛУБОТ ДА ДОЈДЕ ВО НАШИ РАЦЕ!! ТИШИНА ПРЕД БУРА!“ – пишуваат „Фантоми“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА