Навивачите не забораваат: Дејвис даде 32 поени, но доби само свирежи во Њу Орлеанс

Ентони Дејвис беше во центарот на вниманието на кошаркарската јавност во изминатиот период, откако неговиот агент објави дека центарот е несреќен во Њу Орлеанс и сака да си замине. Управата на клубот го отстрани својот најдобар играч од екипата во исчекување на понуда за размена, но откако заврши преодниот рок и стана јасно дека Дејвис ќе остане до крајот на сезонава стана јасно дека тој ќе мора да се врати на теренот. На ова инсистираше и раководството на лигата, кое им се закануваше на челниците на Њу Орлеанс со парична казна од 100.000 долари за секој меч на кој Дејвис нема да игра.

На крајот клубот попушти, па олстар играчот се врати на терените на дуелот со Минесота што неговиот тим го доби со 122-117. Навивачите гласно реагираа, со свирежи испраќајќи го речиси секој допир со топката на играчот што до неодамна беше нивни миленик. Свирежите не му пречеа на Дејвис, кој го предводеше тимот со 32 поени за 25 минути игра, но јасно е дека во Њу Орлеанс ќе владее нарушена атмосфера до крајот на сезонава.

Голден Стејт забележа нова победа, овојпат на гостувањето против Феникс со 107-117. Пресудна беше последната четвртина што актуелните шампиони ја добија со 22-35, а најефикасни во таборот на „воините“ беа Томпсон со 25 и Дурант со 21 поен.

Филаделфија во одличен натпревар славеше со 117-110 над Денвер, нанесувајќи му го третиот пораз во низа на второпласираниот тим од Западната конференција. Харис дебитираше со 14 поени за Филаделфија по трансферот од ЛА клиперс, а најдобар на теренот беше Џеј-Џеј Редик со 34 поени, погодувајќи шест тројки од седум обиди.

Резултати НБА:

Детроит – Њујорк 120-103, Филаделфија – Денвер 117-110, Вашингтон – Кливленд 119-106, Бруклин – Чикаго 106-125, Далас – Милвоки 107-122, Феникс – Голден Стејт 107-117, Њу Орлеанс – Минесота 122-117, Сакраменто – Мајами 102-96.

Се вчитува...