Наводите за приватниот живот на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, повторно се најдоа во центарот на вниманието откако истрага на британскиот весник „Дејли Телеграф“ објави дека жена, која наводно била во врска со Инфантино, добила шестцифрена отпремнина од УЕФА додека тој бил генерален секретар на европската фудбалска асоцијација.
Инфантино беше генерален секретар на УЕФА од 2009 до 2016 година, пред да биде избран за претседател на ФИФА.
Од УЕФА потврдиле дека на личноста ѝ била исплатена пакет отпремнина, но не откриле дополнителни детали за сумата или причините за исплатата.
Од кабинетот на Инфантино, пак, категорично ги отфрлаат наводите.
„Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, категорично ги негира овие обвинувања и тие се целосно невистинити“, изјавил портпаролот на ФИФА за „Телеграф“.
Од ФИФА дополнително оцениле дека секое инсинуирање за несоодветно однесување или прекршување на статутите и прописите претставува клевета.
Обвинувањата се појавуваат во чувствителен период за Инфантино, кој се соочува со предизвици поврзани со иднината на своето раководење со ФИФА, по неуспешните планови за продажба на удел во Светското првенство на приватни инвеститори.
Случајот привлече внимание во британските медиуми, а дополнителни информации се очекуваат откако ќе бидат разјаснети околностите околу исплатата од УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
