НБА-лигата не успеа да го истурка проектот за отворање на сопствена лига НБА – Европа откако сите европски гиганти извесно време флертуваа, но на крајот решија да останат во Евролигата и да потпишат нови договори со елитното европско натпреварување.
Американските бизнисмени не се откажуваат од намерата за ширење на „Стариот континент“, па веќе го активирале „планот Б“ – НБА да ја купи Евролигата.
Како што информира „Газета дело спорт“, ова не е само обична идеја туку веќе почна интензивно да се работи на нејзина реализација. Конкретна понуда ќе биде испратена до крајот на овој месец, а веќе е најавен и клучниот состанок, на кој сите евролигашки клубови ќе дискутират на оваа тема.
Челниците на Олимпија Милано организираат специјален состанок за сите сопственици на клубови од Евролигата, на 5 октомври на езерото Комо, на кое главна тема ќе биде (не)прифаќањето на понудата што во меѓувреме ќе пристигне од другата страна на Атлантикот.
Развојот на настаните не е изненадување ако се знае дека челниците на НБА веќе најавија дека нема да се повлечат од европскиот проект. Сепак, останува да се види реакцијата на евролигашите, особено ако се знае дека европското натпреварување веќе најави дека од 2027/28 ќе го зголеми бројот на учесници и ќе ги подели клубовите по групи.
Едно е сигурно, многу работи ќе станат појасни по тој 5 октомври…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
