Не е се во парите: Хауард останува лојален на Басконија

Во свет во кој парите во бројни ситуации имаат пресудна улога, освежувачки делува примерот на Маркус Хауард, кој одби примамливи понуди за да остане дел од тимот на Басконија.

Бешикташ пред околу еден месец му понуди на извонредниот поентер плата од 1,2 милиони евра за да го убеди да стане дел од „црно-белите“ во нивната дебитантска евролигашка сезона. Американскиот бек кратко размислуваше, по што се заблагодари на интересот со порака дека планира да остане во Басконија и во наредната сезона.

Во текот на вчерашниот ден Хауард доби уште побогата понуда, Галатасарај му дава договор за 1,5 милиони евра годишно, да биде лидер на тимот во наредните две сезони.

Одговорот сепак остана ист – Хауард не се гледа надвор од Басконија, веќе ги мина и лекарските прегледи, по што ги почна подготовките за новата сезона со својот клуб.

Маркус Хауард досега има одиграно 127 натпревари во Евролигата, во просек бележејќи по 14,6 поени и 1,6 асистенции по меч.

Се вчитува...