Интер продолжува да ја гради иднината на тимот, а следен на листата за продолжување на соработката е дефанзивецот Јан Бисек. Според информациите, италијанскиот шампион постигнал усмен договор со германскиот стопер за нов договор кој ќе важи до јуни 2031 година.
Иако сите клучни детали меѓу двете страни се договорени, официјалното потпишување нема да се реализира веднаш. Се очекува во наредните денови да започнат формалните процедури, по што Интер и официјално ќе ја потврди продолжената соработка.
Овој потег е јасен сигнал дека клубот има голема доверба во 24-годишниот дефанзивец, кој во изминатите две сезони се наметна како важен дел од одбранбената линија на „нераѕурите“. Со својата физичка доминација, брзина и сигурност во дефанзивата, Бисек стана еден од играчите на кои тренерскиот штаб сериозно смета и во иднина.
Во текот на летниот преоден рок германскиот репрезентативец беше поврзуван со преселба во Баерн Минхен, но Интер не покажа намера да се раздели со него. Според италијанските медиуми, раководството на клубот било подготвено да разговара за евентуална продажба само доколку пристигне понуда од најмалку 40 милиони евра.
Бишек пристигна во Интер во 2023 година, откако беше ангажиран од данскиот Архус, а претходно помина низ младинската академија на Келн. Оттогаш постепено се избори за значајна улога во составот на миланскиот гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
