Ракометарите на македонскиот шампион Е. Пелистер не успеаја да стигнат до втората победа сезонава во Лигата на шампионите, доживувајќи го и првиот пораз пред своите навивачи во 3. коло од Групата Б.
Во извонреден амбиент, бодрени од феноменалните „Чкембари“, сепак „пелистерци“ загубија од данскиот ГОГ Гудме со 28-31 (14-14), и покрај тоа што имаа одлично прво полувреме низ кое водеа цело време.
Од самиот старт на натпреварот, битолчани ја презедоа контролата на дуелот и кон средината на првиот дел дојдоа и до пет гола предност (9-4). Сето тоа го одржуваа во продолжението се до 12-8, но во финишот на првото полувреме неочекуван пад во играта во одбрана, па гостите со серија од 2-6, успеаја на полувреме да заминат со 14-14.

Потоа, во вториот дел очаен старт на македонскиот тим, па ГОГ Гудме веднаш дојде до 14-17 а потоа и до 15-19. Е. Пелистер во еден момент дојде до само гол негатива (23-24), но потоа Данците со предност од два до три гола се до самиот финиш на мечот, на крај и за конечна победа од 28-31.
Најдобар поединец во македонскиот тим беше Манасков со девет гола, додека Кузмановски заврши со осум погодоци. Кај гостите извонреден беше Бјере со 13 погодоци, а девет постигна Лике. Митревски и Хеидарирад имаа по три одбрани, додека во данскиот состав, Бутаф запиша осум интервенции.

Е. Пелистер го запиша и вториот пораз во третиот натпревар во ЛШ сезонава, а данскиот ГОГ Гудме успеа да дојде до својот прв триумф во Групата Б.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

