Не знаете што со себе: Десет спортски филмови кои никогаш не се здодевни

Спортот во речиси цела Европа запре, па вљубениците во фудбал, кошарка, ракомет… не знаат како да го минат викендот без вообичаените возбудувања на своите ТВ-екрани. За сите оние кои имаат ваков проблем, ова е нашиот предлог за помош – десет фантастични филмови на спортска тематика. Голем дел од нив сигурно и сте ги гледале, но убавината е во тоа што никогаш не се здодевни, дури и ако ги гледате по десетина пати.

1. РОКИ (1976)

Незаборавен филм за локалниот боксер кој добива шанса да се пробие на големата сцена. Модерната бајка што завршува со „хепиенд“ за Силвестер Сталоне имаше неколку продолженија, но првиот дел вообичаено е подобар од сите останати.

2. Rush (2013)

Приказната за големото ривалство меѓу Џејмс Хант и Ники Лауда, двајца феноменални возачи на Формула 1. Големи непријатели, ривали, подоцна огромни другари. Спортска приказна која на најдобар начин ја потенцира суровоста во Ф-1 во 70-ите и 80-ите години од минатиот век.

3. ОРЕЛОТ ЕДИ (2015)

Неверојатна, но вистинита приказна за Еди Едвардс, учесникот на ЗОИ 1988 како ски-скокач од Велика Британија. Иако никогаш професионално не се занимаваше со овој спорт, тој успеа да се избори за учество на ОИ во Калгари.

4. ПЕЛЕ (2016)

Погледнете го филмот за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, за неговиот раст од сироммаштијата во Сао Паоло до големата фудбалска сцена и бројните освоени трофеи.

5. Any given Sunday (1999)

Легендарен филм посветен на американскиот фудбал, запаметен и по легендарниот говор на Ал Пачино (го глуми тренерот на тимот) со кој ги мотивираше своите играчи.

6. Space Jam (1996)

Филм во кој уживаат и децата и возрасните, комбинација на ликовите од цртаните филмови на „Looney Tunes” и на тогашните големи ѕвезди на НБА-лигата предводени од Мајкл Џордан. Во најава е снимањето на втор дел од овој мегахит, но во меѓувреме убаво е да се потсетиме и на првиот дел, снимен пред 24 години.

7. Cool Runnings (1993)

Уште една извонредна приказна за аутсајдери на натпреварување од Зимските Олимписки Игри. Станува збор за филм посветен на настапот на селекцијата на Јамајка во боб на ЗОИ во Калгари во 1998 година. Иако не е во потполност адаптиран на вистинската приказна, филмот изобилува со комични ситуации и е вистинско решение за опуштање во овој период.

8. Moneyball (2011)

Филм со Бред Пит во главната улога, кој е јасен доказ како аналитиката зема се поголем замав во светот на спортот. Базиран на функционирањето на бејзбол-екипа, овој филм лесно може да се преслика и за други спортови, како доказ дека со детална анализа и планирање може да се извлече многу од секој поединец.

9. ГОЛ (2005)

Фудбалска приказна за младиот Мексиканец Сантијаго Нуњез и неговиот пат до славата. Во првиот дел од филмот настапува за Њукасл, во продолжението го облекува дресот на Реал Мадрид… Дефинитивно филм што вреди да се погледне…

10. He got game (1998)

Извонредна кошаркарска приказна во која покрај Дензел Вашингтон во главната улога се наоѓа Реј Ален, еден од најдобрите шутери за тројка во историјата на НБА-лигата. Ален глуми суперталентиран кошаркар за кого се „тепаат„ бројни универзитети да го доведат во своите редови, а татко му под чудни околности е пуштен од затвор и се обидува да влијае врз неговата одлука…

Се вчитува...