Франко Мастантуоно е најновото засилување на Фиорентина откако калчолигашот од Фиренца се договори со Реал Мадрид за едногодишна позајмица на овој аргентински фудбалски бисер.
Мастантуоно пристигна минатото лето од Ривер во Реал најавуван како еден од најперспективните млади фудбалери во светот, но Аргентинецот не го оправда тој епитет, минувајќи огромен дел од времето на клупата за резерви. Токму поради тоа, Реал реши да го испрати на едногодишна позајмица, од неколкуте опции бирајќи ја токму Фиорентина како идеална дестинација за овој млад фудбалер.
Според договорот меѓу клубовите, Мастантуоно ќе замине на позајмица без клаузула и можност за откуп, а Реал ќе покрива половина од неговата плата додека тој игра во Калчо-лигата.
Исто така, во договорот има клаузула со која Мастантуоно би останал и втора сезона под истите услови во Фиорентина, но за тоа да се случи во 2027/28 „виолетовите“ ќе мора да обезбедат пласман во ЛШ или во Лигата на Европа на УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
