Нејмар зема плата колку цел тим на Аталанта

ПСЖ в среда ќе се сретне со Аталанта во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на Шампионите, а во ситуација кога Мбапе е повреден многу работи во играта на „светците“ ќе зависат од Нејмар. Бразилецот ќе биде главен адут на францускиот првак, а со него е поврзана и неверојатна споредба кога станува збор за финансиите – Нејмар зема годишна плата колку целокупниот тим на Аталанта.

Не станува збор само за првотимците, туку и за сите фудбалери со кои тимот од Бергамо има договор, а целокупниот буџет на плати на Аталанта е еднаков на заработувачката на Нејмар, кој има наверојатни примања од 36 милиони евра по сезона. Само за споредба, најплатени во таборот на Аталанта се Гомез, Иличиќ и Запата, кои имаат 1,2 милиони евра годишно и богати бонуси во зависност од сопствените бројки и успесите на екипата.

Големината на буџетите е огромна и ако се земат во предвид висината на трансферите, рекорди на ПСЖ се ангажманите на Нејмар од Барселона за 222 милиони евра и на Мбапе од Монако за 180 милиони евра. Наспроти овие огромни суми, најскап фудбалер во историјата на Аталанта е Луис Муриел, кој во 2019 година пристигна од Севилја за 20 милиони евра. Најдобриот фудбалер на Аталанта, Аргентинецот Папу Гомез, притигна во 2014 година од украинскиот прволигаш Металист за сума од 4,5 милиони евра.

Се вчитува...