Нема крај на проблемите за Боби Милевски: И Валон Етеми повреден, неизвесен за мечевите со Грузија и со Бугарија!

Нема крај на проблемите за македонскиот селектор Благоја Милевски пред последните два одлучувачки натпревари во Лигата на нациите против Грузија (23. септември) во Тбилиси и против Бугарија (26. септември) во Скопје.

Откако претходно поради неочекувана повреда отпадна Дарко Чурлинов, како дополнение на повредите на Тихомир Костадионов и Ердон Даци, а на списокот, поради немање тренажен процес, ги нема и Бобан Николов, Давид Бабунски и Кире Ристевски, сега повреда и на крилниот офанзивец на турски Истанбулспор, Валон Етеми.

Етеми денеска не играше за Истанбулспор на големата пресметка против Бешикташ, која заврши без победник (2-2), а од клубот информираа дека неговото отсуство е поради повреда на горниот десен мускул.

„На магнетна резонанца при прегледот на Етеми откриено е истегнување на горниот преден десен мускул на ногата. Се надеваме дека брзо ќе закрепне и ќе се врати на терен“ – се вели во информацијата од Истанбулспор.

Етеми кој е постојано на македонските собири оваа година, се очекуваше да избие во преден план за престојните натпревари по извонредната форма во која ја стартуваше новата сезона во Турција, запишувајќи и два прекрасни погодоци.

Собирот на македонската репрезентација е закажан за в понеделник (19. септември) од 12 часот во хотелот Хилтон во Скопје. Се очекува Етеми да се појави на собирот, па дополнително да биде оценето дали ќе може да помогне за дуелите со Грузија и со Бугарија.

Се вчитува...