Нема место за очај – Аталанта ќе продолжи да расте

Аталанта крајно малерозно, со два гола во самиот финиш, беше елиминирана од ПСЖ во четвртфиналето од Лигата на Шампионите, но италијанскиот тим ги собра симпатиите на фудбалска Европа поради извонредниот напаѓачки фудбал што го играат избраниците на Гасперини. Клубот беше погоден со огромни проблеми ако се знае дека Бергамо беше еден од епицентрите на корона-кризата во Италија, поради целата ситуација Јосип Иличиќ падна во депресија и го пропушти клучниот дел од сезоната, но во Аталанта порачуваат дека синоќешниот пораз ќе ги направи уште посилни, бидејќи овој клуб ќе продолжи се повеќе и повеќе да расте.

„Горди сме на овие момци, на сето она што го направија во текот на сезоната. Секако дека жалиме за ваков пораз, но среќни сме бидејќи имавме можност да бидеме дел од овој спектакл. Нашиот успех не е случаен, константно се развиваме и слободно можам да најавам дека Аталанта ќе продолжи да расте. Нема место за очај поради еден пораз“, изјави претседателот на Аталанта, Лука Перкази.

Тренерот Гасперини истакна дека тој и неговите избраници ќе извлечат поука од вчерашниот неуспех.

„Направивме се што можевме, никој не треба да се сомнева во тоа. Дадовме се од себе, игравме најдобро што можеме, луѓето од Бергамо секако ќе ја паметат оваа сезона по добро. Докажавме дека можеме да им парираме и на најсилните тимови во Европа, тоа ќе ни биде мотив за наредната сезона“, порача Гасперини.

Се вчитува...