Нема заедничка прослава: Од РК Вардар не се приклучуваат на славјето на ФК Вардар!

Нема да има заедничката прослава на ФК Вардар и РК Вардар по повод освоените титули во државните првенства, и покрај најавата преку социјалните мрежи од страна на извршниот директор на ФК Вардар, Миленко Неделковски.

ФК Вардар најави голема прослава во Градскиот парк во Скопје на „Школка“, на 23 мај веднаш по завршувањето на мечот од последното првенствено коло против Шкендија, а која ќе биде заедничка со ракометарите.

Но, сега од РК Вардар, информираат дека такво нешто не било договорено, и нема да присуствуваат на истото затоа што шампионската забава на ракометарите е закажана од поодамна за 23 мај во 20:30 часот, на друга локација.

„АД Ракометен Клуб Вардар 1961 имаше исклучително успешна сезона во која ги обедини титулите во Македонија и имаше успешен настап во Европа. Горди сме што овие успеси ги постигнавме пред полни сали и го привлековме вниманието на целокупната спортска јавност. Овие успеси немаше да бидат возможни без нашите навивачи, но и нашите спонзори, партнери и пријатели. По тој повод пред извесен период ние веќе го дефиниравме датумот и ги испративме поканите за нашата прослава на која ќе присуствуваат сите играчи, членови на стручниот штаб, раководството на клубот, спонзори и ВИП личности. Прославата ќе биде одржана на 23 Мај (сабота) со почеток во 20:30 часот, па не би можеле да присуствуваме на прославата која ќе биде организирана од страна на ФК Вардар, а на која беше најавено нашето присуство. На нашите колеги од ФК Вардар им ја честитаме титулата и им посакуваме успешен настап во Европа“ – информираат од РК Вардар 1961.

Со тоа, останува ФК Вардар сам да ја прослави титулата, согласно најавеното, во Градски парк, на популарната „Школка“ в сабота (23 мај) веднаш по мечот со Шкендија.

Се вчитува...