Немања Прибак сам го реши Еурофарм Работник

Ракометарите на Еурофарм Работник  загубија од Бешикташ со 29-31 во вториот натпревар на 46.Меѓународен турнир „Струга 2018“. По поразот од Целје на вчерашниот прв меч, битолскиот тим не успеа да дојде до позитивен резултат ни во дуелот со Бешикташ. Битолчани успешно парираа се до последната четвртина во која Бешикташ предводен од македонскиот репрезентативец Немања Прибак ја презеде иницијативата и ја обезбеди победата.

Во поголем дел натпреварот беше изедначен и се играше гол за гол. Во последната четвртина битолчани влегоа со два гола предност поведувајќи со 22-24 со погодокот на Чурлевски и во наредните минути одржуваа 2-3 гола предност. Но, во овој решавачки дел од натпреварот Немања Прибак ја презеде одговорноста во свои раце и го врати турскиот тим во егал, а потоа со два гола во серија му донесе ново водство со 28-26.

Бешикташ успеа да го скрши отпорот на битолчани и во последните три минути од натпреварот влезе со водство од +3 (29-26), а потоа ја сочува предноста до крај. Прибак за осум минути постигна седум гола и практично сам го победи Еурофарм Работник.

Во другите два натпревари денеска играат: Железничар – Алингсас (19.15 ч.) и Целје – Феникс Тулуз (21 ч.).

Се вчитува...