Неочекуван херој: Бакоч влезе и го реши Пелистер

МЗТ Скопје му се реваншираше на Пелистер за поразот во Битола откако „металците“ славеа на денешниот дуел во СЦ „Јане Сандански“ со резултат 84-81. Во редовите на аеродромци за овој дуел се врати Американецот Гравет, додека главен хендикеп на битолчани беше отсуството на Марјан Илиевски од клупата, поради здравствени причини. Сосема неочекувано, Филип Бакоч беше човекот на одлука откако крилниот центар влезе во игра во самиот финиш и ја погоди клучната тројка со кој МЗТ ја запечати победата.

Почетокот на натпреварот мина во израмнета игра и менување во водство, но текот се промени по исклучувачката грешка на Бојан Трајковски при водство на Пелистер од 13-14 во осмата минута. Репрезентативецот воопшто не беше во игра, но протестираше од клупата на една судиска одлука, најпрвин доби техничка, а потоа и исклучувачка грешка, по што МЗТ влезе во ритам. „Металците“ постигнаа 13 поени до крајот на четвртината добивајќи ја со 26-16. Во втората четвртина функционираше нападот и кај двата тима, а аеродромци заминаа на одмор со водство од 54-42.

Пелистер покажа карактер и не се откажа, битолчани ја добија третата четвртина со 12-21, што уште повеќе им ја зголеми самодовербата пред завршните десет минути. Тројката на Николиќ донесе прво водство на битолчани по првата четвртина, по што се влезе во неизвесна завршница. „Пелистерци“ имаа напад за водство при 80-79, но беше досудена лична грешка во напад на Малешевиќ над Мекиќ. На спротивната страна во вистински момент блесна Бакоч, кој погоди тројка од аголот, клучни поени за триумфот на МЗТ Скопје изразен со конечните 84-81 што ги постави Мекиќ со едно погодено слободно фрлање на три секунди до крајот.

Крстевски и Тарнер ги предводеа стрелците на МЗТ со по 17 поени, 14 постигнаа Мекиќ, додека најефикасни кај Пелистер беа Малешевиќ и Кесар со по 23 поени.

Се вчитува...