Несторовски и Трајковски ги чека уште една пречка до враќање во Серија А

Македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски со својот Палермо ќе играат во финалето од плеј-оф разигрувањето за место во Серија А следната сезона.

На реванш пресметката од полуфиналето во плејофот Палермо пред своите навивачи славеше со 1-0 против Венеција, па по оние 1-1 од првата средба тимот од Сицилија е тој кој ќе разигрување за пополнување на последното место во елитното италијанско фудбалско друштво.

Единствениот погодок за триумф денеска на Палермо беше неверојатен автогол на Домици уште во 5. минута од средбата.

Палермо во 89. минута не реализираше и удар од белата точка. Непрецизен беше Ла Гумина.

Од македонските репрезентативци, Александар Трајковски се најде во почетниот состав на Палермо и настапи до 76. минута, додека Несторовски остана на клупата за резервни фудбалери.

Во финалето Палермо ќе се соочи со подобриот од втората полуфинална пресметка меѓу Фросиноне и Цитадела. Првот меч од финалето се игра на 13. јуни, а реваншот е на 16. јуни.

Се вчитува...