Несторовски кај Пандев во Џенова, тоа би бил супер-тандем

Илија Несторовски би можел во следната сезона да му биде тимски колега на Горан Пандев, откако раководството на Џенова искажало сериозен интерес да го доведе Несто-гол од Палермо во своите редови. Слабите игри во последно време на сицилијанскиот клуб довеле до разочарување кај Македонецот, кој остана во Палермо во Серија Б за да помогне тимот експресно да се врати во елитата.

Во една таква ситуација Несторовски сега ги разгледува опциите за продолжување на кариерата, а една од најконкретните е токму Џенова. Препораките од Пандев, кој и самиот ќе потпише нов едногодишен договор, биле прифатени од страна на клупските директори, кои подготвуваат понуда за да го доведат македонскиот репрезентативен голгетер во своите редови.

Како што јавуваат италијанските медиуми, висината на понудата ќе зависи од финишот на сезоната, Џенова би платила 15 милиони евра доколку Палермо влезе во елитното друштво, но доколку сицилијанците останат во Серија Б, тогаш и понудата би изнесувала скромни пет милиони евра.

Само за потсетување, во изминатите месеци сериозен интерес за Илија Несторовски покажуваше и Торино, а како можни опции се споменуваа и Фиорентина, Удинезе и Болоња.

Се вчитува...