Несторовски си го брани „своето“: Пицата е убава во Италија, ама и во Македонија

Илија Несторовски е вистински „хит“ во Италија. Македонскиот напаѓач постигна девет гола во Серија А во досегашниот тек од сезоната и го сврте кон себе вниманието на европските клубови. За него интерес покажуваат Атлетико Мадрид, Севилја и Евертон, а тој размислува како да му помогне на својот Палермо да обезбеди опстанок во најквалитетното италијанско друштво. Во меѓувреме, дава интервјуа за тиражните италијански медиуми и вели дека ужива во своите убави моменти. Ја обожува домашната кујна на неговата сопруга, сака да јаде убава италијанска пица и паста, но потенцира дека и во Македонија пицата е идентично вкусна како и на Апенините.

„Во моментов сум фокусиран само на Палермо и борбата за опстанок. Сето останато им е препуштено на моите менаџери, кога се понудите во прашање. А јас, искрено, уживам во Палермо. Времето е прекрасно, најчесто сончево, а јас сум со моето семејство. Тоа ми е најважно и секој слободен момент го користам со нив. Немам проблеми со килограмите и не држам диети, а најмногу се посветувам на домашната кујна на мојата сопруга. Сакам пилешко и салати, но исто така и италијанска паста и пица. Специјалите во Италија се фантастични, но можам да ви потврдам дека и во Македонија пицата е исто така на врвно ниво“, вели Илија Несторовски за „Кориере дело спорт“.

Палермо утре во пладневниот термин ја пречекува Сампдорија во обидот за освојување на три бода, и доближување до Емполи, првиот тим кој се наоѓа над линијата што ја асоцира опасната зона на табелата во Серија А.

Се вчитува...