Несторовски: Сите мислеа дека ќе си заминам, но јас сум лојален на Палермо

Илија Несторовски воопшто не жали што во текот на минатото лето, но и во јануарскиот преоден рок одби неколку интересни понуди за продолжување на кариерата. Македонскиот голгетер имаше можност да се пресели во Фиорентина и Торино, доби и понуда од Зенит, но и од далечната Кина, но сепак реши да остане дел од сицилијанскиот клуб.

„Знам дека сите мислеа дека ќе си заминам штом испаднавме, но за мене никогаш немаше сомнеж. Лојален сум му на Палермо, тоа е клубот што ми даде шанса да играм во Серија А и не сакав да го оставам на цедило. Како што веќе имам изјавено, желба ми е да го вратам назад во елитното друштво, затоа останав и верувам дека тоа ќе ми се оствари сезонава“ – изјави Несторовски за РАИ.

Италијанските медиуми во меѓувреме објавуваат дека Торино се нема откажано од намерата да го ангажира македонскиот голгетер, за кого е подготвена понуда од 15 милиони евра за летниот преоден рок што претстои.

Се вчитува...