Несторовски: Торино не ме интересира, сакам со Палермо назад во „Серија А“

Илија Несторовски уште еднаш ја потврди својата лојалност кон Палермо, отфрлајќи го интересот на Торино за евентуален зимски трансфер во редовите на поранешниот првак на Италија. Наместо тоа, македонскиот ас јасно стави до знаење кои му се приоритетите за оваа сезона – враќање на Палермо во елитното италијанско фудбалско друштво.

Не ме интересираат гласините околу трансферите, ниту пак евентуалните понуди. Јас имам само една желба за сезонава, тоа е да се вратам со Палермо во Серија А. Верувам дека сме способни за такво нешто“ – истакна македонскиот ас.

Несторовски не го крие задоволството од своите добри игри сезонава, откако со десет гола досега е прв стрелец на сицилијанците, воедно и главен адут во битката за експресен камбек во елитата.

„Вториот дел од 2017 година беше многу позитивен за мене и за тимот. Освоивме бројни бодови, јас отсуствував на четири или пет средби, но сепак стигнав до бројката од десет гола. Сега кога повредата е минато, очекувам да продолжам во засилено темпо и во преостанатиот дел од сезоната“ – порачува Илија Несторовски.

Се вчитува...