Несторовски: Заедно со помладите сили кои доаѓаат, оваа репрезентација има иднина!

Заокружувајќи ги двата јунски натпревари на македонската репрезентација, офанзивецот Илија Несторовски потенцира дека треба многу повеќе целокупната македонска јавност да верува во оваа наша селекција.

Македонија загуби со 1-2 синоќа на „Телеком арената“ од Шпанија, но Несторовски вели дека и тешко нешто повеќе може да се направи против репрезентација како „фуријата“. За него е најважно што доаѓаат млади сили за Македонија кои може да донесат огромна свежина.

„Ако ги гледаме овие два натпревари, против Турција и против Шпанија, сигурен сум дека задоволството може да биде што постојано добиваме нови млади фудбалери кои се огромна иднина на Македонија. Против Шпанците, реално, и тешко можевме нешто повеќе да направиме. Одигравме лошо прво полувреме, потоа во вториот дел игравме поагресивно но недоволно да се изненади големиот фаворит“ – вели Несторовски, и дополнува:

„Сепак, и по овој јунски собир на националниот тим очигледно е дека, заедно со оние млади репрезентативци кои ќе играат на ЕП, плус и новите дебитанти кои добиваат шанса од селекторот Ангеловски, оваа репрезентација има добра иднина. Овој квалификациски циклус покажува дека може да се надигруваме буквално против секој противник, иако резултатите не се најпосакуваните“.

Се вчитува...