НЕВЕРОЈАТЕН ПОДВИГ: Македонскиот едриличар Ердал Лушо се квалификуваше за трката „Светски предизвик на Атлантикот“ (ВИДЕО)

Неверојатен подвиг на македонскиот едриличар, стружанецот Ердал Лушо е еден од ретките во светот кој успеа да се квалификува за учество на легендарната трка „Светски предизвик на Атлантикот“. Сам ќе плови неверојатни 40 дена, во обид да го премине Атлантикот, од Португалија до Карибите!

А, за да успее да се квалификува за овој предизвик Лушо изминатиов месец ги изедри неопходните 400 наутички милји без прекин со што доби место меѓу ретките најдобри едриличари во светот кои ќе се соочат со предизвикот, сам со својата едрилица да го мине Атлантикот.

„Ми требаа 200 наутички милји, еден ден со повеќе од 80 км/ч ветер и два различни автопилоти за конечно да ја совладам Пиксел. Никогаш досега немав едрено со ‘windvane’, но ја изградивме од нула и по два обиди проработе беспрекорно. Во квалификацискиот дел за да добијам право да едрам преку Атлантикот, останав во Драч околу четири недели. Во тој период успешно ги завршив квалификациите за Атлантик Челенџ 2025. Од вкупно 18 учесници, само осум успеавме да ги поминеме елиминациите. Потребните 450 наутички милји ги испловив во две етапи, со што вкупно минав повеќе од 650 наутички милји. Сега ми останува добра подготовка за Португалија, а на 11 ноември тргнувам на првата етапа — од Лисабон до Канарските Острови“ – вели Лушо, притоа осврнувајќи се и на своето патешествие во квалификациите за оваа трка.

Вели дека не било лесно и дека механичкиот автопилот на едрилицата двапати се расипал. Силните вибрации олабавиле неколку штрафови на палубата и бродот почнал да пропушта вода од две различни места, кои биле веднаш санирани.

„Временските услови на Јадранот не ми беа баш од помош, но успеав да завршам. За време на првиот обид, два дена минаа во бура, во запознавање на бродот и во поправки. Ветерот достигнуваше до 83 km/h, а брановите беа високи до три метри. Во вториот обид се соочив со слаб ветер и густ поморски сообраќај, па не можев да напредувам многу. По првите 50 наутички милји, автопилотот повторно откажа и морав да се вратам во марината. Откако ги решив сите тие проблеми, ја започнав елиминациската етапа, подготвен да успеам. Првата етапа траеше пет дена и минав 268 наутички милји во различни услови. Втората етапа траеше 181 наутичка милја, со силен ветер и дожд, и 7 часа без електрична енергија. Конечно, официјално го стекнав правото да учествувам на трката“ – дополнува Ердал.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @erdalluso

Мора да се напомене, дека неговата едрилица сам ја изгради во Струга, со помош на своите пријатели и спортски ентузијасти од клубот, со детали од дрвото што дедото го засадил во дворот на неговиот дом. Брод што се движи само со силата на ветерот и со голема верба во соништата, и со приказната за вистински храбри луѓе од Македонија.

Ердал во моментов повторно ја подготвува едрилицата во неговата Струга за неверојатниот предизвик кој го очекува. На 1. ноември тргнува за Лисабон, а ако времето дозволи, официјалниот старт е закажан за 11. ноември оваа година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @erdalluso

Напредокот можете да го следите на неговиот профил на Instagram, неговата веб страна, а преку ‘whydonate’ можете и да го поддржите неговиот подвиг, а дел од средствата ќе бидат наменети и за поддршка на локалниот едриличарски клуб во Струга, ЕК „Снегар“, за купување на чамци и опрема потребни за одржување на едрењето за младите од градот.

Се вчитува...