Неверојатен „црн рекорд“ – загубил 11 меча во серија во Примера

Шефот на стручниот штаб на Лас Палмас, Пако Ајестаран, со поразот на домашен терен од Ла Коруња влезе во историјата на шпанскиот фудбал како прв тренер што загубил единаесет натпревари во низа во Примера дивизион.

Тој дојде во Лас Палмас на местото на Маноло Маркез кон крајот на септември и оттогаш ги загуби четирите средби на чело на „островскиот клуб“. Со тоа, поранешниот помошник на Рафа Бенитез во Ливерпул само ја продолжи серијата очајни резултати што ја имаше како шеф на стручниот штаб на Валенсија.

Пако тогаш забележа три победи (една од нив над Барселона на „Камп ноу“ и едно реми, по што следеше почетокот на „црната серија“ што почна со поразот од Вилјареал. Потоа следеа неуспеси против Реал Мадрид и Реал Сосиедад за крај на сезоната 2015/2016. Управата на Валенсија сепак реши да го задржи Ајестаран на клупата, но тој ја стартуваше сезоната 2016/2017 со четири нови порази, од Лас Палмас, Еибар, Бетис и од Атлетик Билбао, пред да биде заменет со Воро.

За очекување е оваа серија порази да продолжи и наредниот викенд, кога Лас Палмас му гостува на шампионот Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...