Невиден маратон: Еуро Никел по три продолженија го зеде скалпот на Пелистер

Еуро Никел му се реваншираше на Пелистер за поразот во Кавадарци пред неколку дена откако вечерва во супердраматичен натпревар го зеде скалпот на лидерот на табелата триумфирајќи со 116-122. Мечот во Битола траеше 55 минути, а кавадарчани дури по три продолженија успеаја да стигнат до голема победа. Битолчани играа со лимитиран ростер, па така Кесар ги одигра сите 55 минути, а Малешевиќ повеќе од 54 минути од оваа средба, па не е изненадување што домашниот состав немаше сили за да го добие овој маратонски дуел.

Регуларните 40 минути од натпреварот минаа во бројни пресврти на двете страни, Еуро Никел подобро отвори и поведе со 12-19, завршувајќи ја стартната четвртина со предност од 16-23. Тоа како да ги разлути домашните кошаркари, кои одиграа речиси перфектна втора четвртина на офанзивен план, добивајќи ги овие десет минути со убедливи 36-18 и заминувајќи на одмор со водство од 52-41. Гостите од Кавадарци не се откажаа, успеаја да ја намалат негативата, а потоа и во финишот да ги искористат загубените топки на противникот и да поведат со „плус два“. Бојан Трајковски со тројка го врати Пелистер во водство, Кесар потоа погоди едно од двете слободни фрлања, за Рикиќ да реализира под кошот за кавадарчани, одведувајќи го мечот во продолженија (92-92).

Пелистер тргна одлично во продолжението, поведе со 98-92, но гостинскиот состав покажа карактер и успеа да се врати (98-98), резултат со кој се влезе во последните две минути. Двата тима не се прославија напаѓачки, до крајот на продолжението постигнаа само уште по два поени, па мораше да се играат уште пет минути за да се добие победникот на овој натпревар. Битолчани беа подобри и на стартот од ова продолжение, направија серија од 7-0 за помалку од 100 секунди и го натераа Самарџиев да побара тајмаут. Советите вродија со плод, Пелистер речиси три минути беше без поени, а Еуро Никел преку Рикиќ стигна до израмнување од 107-107. Илиевски побара тајмаут, битолчани и третпат го имаа последниот напад, овојпат се обидоа во рекетот преку Кесар, но и овој шут беше неуспешен, па мораше да се игра и трето продолжение во овој супердраматичен натпревар.

Мијатовиќ и Рикиќ погодија важни шутеви за гостите од Кавадарци, пред Јане Петровски со тројка да донесе водство од 112-118 и да го принуди Илиевски на тајмаут. Сепак, домашните кошаркари немаа сили за камбек, промашувајќи три слободни фрлања во последната минута (две Кесар и едно Малешевиќ), за конечна победа на Еуро Никел од 116-122.

Рикиќ со 23 и Мијатовиќ со 21 поен ги предводеа стрелците во победничкиот тим, додека најефикасни кај Пелистер беа Кесар со 33 и Малешевиќ со 30 поени.

Се вчитува...