Невидена драма: Манасков и Веспрем ја загубија титулата со гол во последната секунда

Дејан Манасков и Веспрем не успеаја да стигнат до титулата во унгарското првенство, откако денеска загубија на домашен терен од Пик Сегед со 29-30. Првиот меч во Сегед заврши со минимални 28-29 за Веспрем, но Пик денеска врати со иста мерка, па поради гол повеќе постигнат на гостински терен „сино-белите“ стигнаа до титулата, на огромно разочарување на македонскиот репрезентативец и неговите соиграчи.

Денешниот реванш беше супердраматичен, Пик Сегед имаше водство од три гола во второто полувреме, но Веспрем успеа да се врати и преку Манасков да стигне до израмнување. Се чинеше дека „црвените“ се на чекор до титулата откако при нерешени 29-29 го имаа последниот напад, но пивотот направи почетнички прекршок во блок на десет метри,по што Пик Сегед маестрално го изведе последниот напад, за гол во последната секунда што значеше и победа од 29-30 и освојување на шампионската титула.

Дејан Манасков постигна два гола, двата во второто полувреме, додека најзаслужен за победата на Пик Сегед беше голманот Миклер со 15 успешни интервенции.

Ова не беше последен меч за македонскиот репрезентативец во дресот на Веспрем, со оглед на фактот дека унгарскиот гигант наредниот викенд го очекува завршниот турнир од Лигата на Шампионите во „Ланксес Арена“ во Келн.

Се вчитува...