Незапирливиот Ентони Дејвис ја уништи Оклахома

Ентони Дејвис го одигра најдобриот натпревар сезонава во победата на Њу Орленас против Оклахома. Во неизвесниот дуел, Њу Орлеанс славеше со 118-114, а Дејвис заврши со 44 поени, 18 скока, две асистенции, две украдени топки и една блокада. Неговиот настап е уште поимпресивен ако се земе предвид и фактот дека во првата четвртина извесен период помина на клупата откако еден од неговите соиграчи му падна на нога.

Со овој триумф, Њу Орлеанс ја симна Оклахома од првото место во Западната Конференција.

Кај поразената екипа Пол Џорџ беше најзабележителен со 25 поени, 11 скока и пет асистенции, а Расел Вестбрук додаде 20 поени, шест скока и седум асистенции.

Во другите синоќешни натпревари, Голден Стејт го пречека тимот на Торонто кој втор натпревар по ред го играше без својот најдобар играч Кавај Ленард, но и покрај тоа, без проблеми ги добија и двата дуели.

Прво ги победија ЛА клиперс со +24, а ден подоцна ни двојните НБА шампиони немаа одговор за играта на „рапторс“. Торонто славеше со 113-93, а во отсуство на Ленард одново блескава партија одигра Ловри со 23 поени и 12 асистенции. Единствен на висина на задачата кај Голден Стејт беше Кевин Дурант со 30 поени, седум скока и пет асистенции.

Неизвесен натпревар беше одигран во Вашингтон каде Бостон по продолженија стигна до победа со 130-125. Бруклин славеше против Филаделфија со 127-124. Мемфис со добра одбрана го победи Портланд со 93-82, Далас славеше против Атланта со 114-107, Јута го прегази Мајами со 111-84, а Шарлот го доби дуелот со Детроит со 108-107. Кливленд стигна до една од ретките победи сезонава против Њујорк никс со 113-106, а во натпреварот со најмногу поени, Сакраменто ја победи Минесота со 141-130.

Се вчитува...