Никогаш не го отпишувајте Роџер Федерер

Неверојатен крај ни донесе петиот натпреварувачки ден на Австралија опен. Роџер Федерер во трилер меч успеа по пет сета да го совледа домашниот тенисер, Џон Милман со 3-2 (4-6, 7-6, 6-4, 4-6 и 7-6). Во клучниот супертајбрејк Австралиецот имаше предност од 8-4, но големиот Швајцарец успеа да се врати и да стигне до триумф од 10-8. Милман уште еднаш се покажа како тешка пречка за Федерер, бидејќи на УС опен 2018 доживеа елиминација од него.

Сепак, овојпат пресуди поголемото искуство на швајцарскиот тениски великан, кој заигра најдобро кога беше најважно, во голем стил стигнувајќи до својата јубилејна победа број 100 на Австралија Опен.

Во следното коло Федерер ќе игра против Унгарецот, Мартон Фучович кој со максимални 3-0 беше подобар од Американецот Томи Пол. Настапот во 3. коло на Австралија опен го заврши и за шестиот носител, Гркот, Стефанос Циципас кој загуби од Канаѓанецот, Милош Раониќ со 3-0 (7-5, 6-4 и 7-6).

Се вчитува...