Никогаш не се предавајте верзија два – Феникс надокнади 19 поени негатива за една четвртина и славеше над Гостивар

Феникс 2010 стигна до третата победа во сезоната откако во неверојатен натпревар славеше над Гостивар со 87-81, уште еднаш одбранувајќи го домашниот терен. Избраниците на Денис Дервишевиќ одиграа лоша трета четвртина по која имаа негатива од 19 поени, но со фантастична игра на двата дела од теренот во последните 10. минути во кои постигнаа 38 поени успеаја да ја надокнадат истата и да забележат многу значајна победа.

Ова е втор пат Феникс 2010 да слави на сличен начин откако претходно во дуелот против Ангели надокнади негатива од пет поени за 14 секунди и по дополнителни пет минути забележа триумф.

Гостивар преку добрата игра во рекетот стигна до водство од 2-7 на отварањето на натпреварот, но Феникс 2010 ја зацврсти одбраната и успеа да го примори гостинскиот состав на изгубени топки, а тоа беше искористено на спротивната страна за водство од 22-21 по 10. минути игра. Добриот моментум проследен со добра игра на двата дела од теренот продолжи да биде адут на ‘виолетово-жолтите’ и до полувремето. Избраниците на Дервишевиќ наоѓа решение во нападот па постојано ја одржуваа предноста на граница истата да биде и двоцифрена, но прераното исполнување на бонусот донесе лесни поени од линијата за слободни фрлања кои дополнети со офанзивниот скок беа причината за водството на домаќините на полувремето да изнесува само +6 (46-40).

Работите на паркетот целосно се променија на отварањето на второто полувреме. Гостивар одговори перфектно во одбраната која со агресивноста го наруши напаѓачот ритам на Феникс 2010, а избраните на Јончевски го најдоа и решението во нападот каде им тргна и шутот за три поени. ‘Виолетово-жолтите’ постигнаа само три поени во третата четвртина па по 30. минути игра предноста за гостите се искачи на 49-68. А, кога се чинеше дека гостите рутински ќе приредат крај на натпреварот на сцена настапија домаќините. Агресивната одбрана повторно вроди плод за Феникс 2010, а брзата реализација во нападот и експресно ја намали високата негатива. Агонијата на Гостивар од минута во минута се продлабочуваше, а домашниот тим преку Стојановски, Џоунс и Морган лесно стигаше до лесни поени со кои не само што ја анулираше предноста, туку и стигна до „комотна“ победа.

Куртис Џоунс со 21 поен, 7 асистенции и 6 скока беше првото име кај домашниот тим. Амар Хот додаде 14 поени и 4 скока, 13 поени и 5 скока забележа Двејн Морган, со 12 поени натпреварот го заврши Борјан Стојановски, а двоцифрен со 10 поени, 5 асистенции и 4 скока беше Андреј Митревски.

Ијасу Ворку беше лидер на Гостивар со 27 поени, 17 поени и 8 скока забележа Александар Тодоровиќ, 13 поени и 9 скока Дејли, а како двоцифрен со 10 поени натпреварот го заврши Јанески.

Се вчитува...