Никој не сака да биде претседател на Фудбалската федерација на Србија

Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) соопшти дека до истекот на рокот не била поднесена ниту една кандидатура за функцијата претседател или за членови на Извршниот одбор на Сојузот.

Од Сојузот наведуваат дека рокот за поднесување кандидатури за претседателската функција, во рамките на изборниот процес, е истечен, а не е примена ниту една кандидатура. Исто така, се посочува дека администрацијата на Сојузот е во контакт со надлежните служби во УЕФА и ФИФА, со цел да се обезбеди непречено функционирање на Сојузот во согласност со важечките прописи, се додека не се исполнат условите за спроведување на изборниот процес на сите нивоа за новиот мандат.

Изборното собрание беше закажано за 14 ноември трет обид, по два претходни неуспешни обиди во текот на летото.

Како едно од најверојатните привремени решенија, медиумите го спомнуваат воведувањето принудна управа или работно тело делегирано од УЕФА, кое би управувало со тековните работи се додека не се создадат услови за распишување нов изборен процес.

Функцијата претседател претходно ја извршуваше Драган Џајиќ.

Се вчитува...