Никола Ѓошевски ја анализира Австрија: Помалиот брат на Германија се потпира на дисциплина, физикус и упорност во играта!

Поранешниот македонски репрезентативец Никола Ѓошевски дел од својата кариера ја мина и во австриски Салцбург. Повеќе од добро запознаен со австрискиот фудбал и преку бројните актуелни контакти со скаутите на австриската репрезентација. Сега, со анализа што може да очекуваме од историската прва пресметка на едно европско првенство за Македонија против Австрија утре од 18 часот на Националната арена во Букурешт.

Без разлика на се што се случуваше околу австриската селекција изминатиов период, се работи за крајно сериозна репрезентација која фудбалски многу напредуваше изминативе години. Најдобрите играчи се дел од германската Бундеслига и тоа во најсилните клубови, па некако и во репрезентацијата го пренесоа тој германски менталитет: дисциплина, физичка подготвеност, упорност и многу работа.

На Австријците во минатото им недостасуваше дисциплината и сериозниот пристап кон фудбалската игра. Но, сега и тоа го имаат на највисоко ниво затоа што модерниот фудбал денес е само дисциплина и работа. Сето тоа ги доведе во ситуација сега да имаат навистина цврсти играчи, физички силни, тркачи на терен, агресивни…, и од тој аспект имаат предност пред нашата селекција. Затоа и не не ни одговараат во играта затоа што ние Балканците сме повеќе учени на многу допири со топка, креативност и фантазија на терен, наспроти нив кои се потпираат на физиката. Техничката поткованост е пак на наша страна, па ќе биде неопходно максимално да одговориме на нивната цврстина на терен и во еден таков случај тогаш може да ја неутрализираме нивната мобилност.

Најквалитетниот дел од австриската селекција е средниот ред, дополнет со гол-офанзивците, иако сите линии се на едно средно-високо европско ниво. Тоа се се фудбалери со висок „VOmax“, висока стапка на потрошувачка на кислород, што овозможува максимален тркачки капацитет и физичка подготовка. Во играта затоа се потпираат на цврстината и така ќе биде и утре.

Мора да истакнам дека во однос на периодот кога јас играв во Салцбург во 2005 година, австрискиот фудбал многу напредуваше. Во суштина, добро е познато дека Австрија е помал брат на Германија, буквално во се па и во фудбалот. Самите стадиони, системот на натпреварите, амбиентот на стадионите, сето тоа е една мала Бундеслигата. Имаат извонредни тренинг услови со неверојатни клупски кампови со што постојано создаваат млади фудбалери кои дополнето со менталитетот веќе ги носи кон врвот на европскиот фудбал. Од постојаните контакти кои ги имам со лицата од Салцбург, затоа што голем дел од моите тренери пред 15 години сега се скаути во Салцбург, веќе се јавува и интересот за македонските фудбалери кои и тоа како може да одговорат на австриските барања за квалитет.

Се вчитува...